Ливерпул разочаран од своите навивачи, кои во ек на корона – славеа пред „Енфилд“

Новиот англиски шампион Ливерпул после 30 години го донесе премиерлигашкиот пехар во својот дом „Енфилд роуд“, а официјалното крунисување мина без гледачи, но пред култниот стадион имаше илјадници навивачи.

Иако препораките и молбите беа навивачите да останат дома и да ги почитуваат превентивните мерки во ек на глобалната пандемија со коронавирусот, тоа не се случи и приврзаниците на „црвените“ масовно се појавија пред „Енфилд“, каде ја славеа шампионската титула.

Сето тоа наиде на големо разочарување не само кај англиската јавност, туку и во таборот на англискиот великан, кој го осуди ова однесување на дел од своите приврзаници. Деветмина завршија во притвор, а голем дел имаа проблеми со полицијата за време на прославата, која воопшто не требаше, ниту беше планирана да се случи.

„Ливерпул им се заблагодарува на сите навивачи кои останаа дома и го славеа пехарот во домашни услови, штитејќи ги своите сакани, самите себе, а и општото и јавно здравје во нашиот град. Сепак, многу сме разочарани за случувањата пред стадионот и тоа што ногу навивачи, илјадници од нив, не ги случаа советите и препораките и наместо дома, дојдоа тука“, објави Ливерпул.