Леванте и без Барди обезбеди осминафинале во Кралскиот Куп!

Шпански Леванте обезбеди пласман во осминафиналето на Копа дел Реј со денешната победа со 2-0 против второлигашот Луго, на меч на кој македонскиот репрезентативец Енис Барди доби поштеда и не играше.

Тренерот на Леванте, Пако Лопез реши да го одмори Барди за да биде свеж за пресметката со Еибар во недела, па македонскиот репрезентативец победата на своите соиграчи ја гледаше од трибините. Коке и Двамена постигнаа по еден гол за триумфот на Леванте за место меѓу најдобрите шеснаесет, со што продолжува одличната есен за малиот клуб од Валенсија.

Во првиот меч во Луго, второлигашот и Леванте ремизираа 1-1. Со овој пласман Леванте им се придружи на Барселона, Валенсија, Атлетико Мадрид, Севилја, Вилјареал, Еспањол, Гетафе, Жирона, Валјадолид, Леганес и Реал Сосиедад во осминафиналето.

Денеска на програмата се и мечевите Реал Мадрид – Мелилја (4-0 прв меч), Бетис – Расинг Сантандер (1-0), Еибар – Хигон (0-2) и Атлетик Билбао – Хуеска (4-0), по што ќе се комплетираат учесниците во следната рунда.