Левандовски останува во Баерн до 2023 година

Полската ѕвезда на германскиот великан Баерн Минхен, Роберт Левандовски веќе пет години го носи дресот на најтрофејниот германски клуб и нема намера да си оди, ниту пак Баварците да го пуштат, па според последните најави идната недела сѐ ќе заврши со – нов четиригодишен договор.

Уште пред еден месец, германските медиуми најавија дека Баерн ќе му понуди нов договор на Левандовски, кој пак посочи дека му е убаво во Минхен и дека сите планови му се со Баерн. Сега, „Спорт Билд“ објави дека многу брзо, веројатно до крајот на идната недела, ќе се заврши со договор до 2023 година.

Левандовски во Минхен дојде од Борусија Дортмунд во 2014 година, а досега има 194 гола на 245 меча и во четири од неговите пет сезони, постигнува најмалку 40 гола во сите натпреварувања. Актуелниот негов договор истекува во 2021 година, но сега ќе добие подобрен до 2023, а наводно ангажманот на Фелипе Кутињо ја забрзало работата, зашто Полјакот видел дека Баерн има големи амбиции и планови за во иднина.

Во минатата сезона, Левандовски даде 40 гола на 47 меча, а со Баерн ја одбрани шампионската круна.