Легенда на Мен-ју објави теорија зошто Роналдо заминал во Јуве и сè е тоа поради – Меси!

Најдобриот светски фудбалер Кристијано Роналдо по девет години замина од Реал Мадрид во Јувентус, како актуелен европски првак, освојувач на „златната топка“ по петти пат, а поранешниот соиграч на Португалецот од таборот на Манчестер јунајтед, Рајан Гигс ја објави својата терорија зошто Роналдо ќе игра за „старата дама“. Според Велшанецот сè е поради опседнатоста на Португалецот со Лионел Меси.

Роналдо и Меси ја одбележаа последната деценија откако и двајцата освоија по пет „златни топки“ и постојано се бркаат во статистичките податоци за докажат кој е најдобар фудбалер на светот, веројатно и на сите времиња. Роналдо, барем според Гигс, одлуката да замине во Јувентус е со цел да му докаже на Меси дека е подобар од него.

„Јас бев изненаден кога чув дека ќе заминува од Реал за да оди во Јувентус. Но, мислам дека е тоа голем предизвик за него, затоа што оди во голем клуб и затоа што неговото 'си-ви' ќе биде и тоа како моќно – Манчестер јунајтед, Реал Мадрид, Јувентус. Богами тоа е силно 'си-ви'. Роналдо е опседнат да биде подобар од Меси и тој во моментов едно размислува, успеав во Англија, успеав во Шпанија, ќе го направам тоа и во Италија. А, плус, успеа и со Португалија (освои европска титула пред две години – н.з.). Можеби тоа е аргументот за луѓето да прашаат: Дали Роналдо е подобар од Меси?“, ја образложува својата теорија Гигс, кој за Манчестер јунајтед одигра преку 1.000 мечеви.

Роналдо од Мадрид си заминува со просек по повеќе од еден гол по меч за своите 438 меча (451 погодок), освои четири европски титули, две домашни шампионати, две Копа дел Реј... Меси, пак има девет домашни титули, шест Копа дел Реј, четири европски титули... Но, Роналдо има три премиерлигашки круни, една евроска титула со Јунајтед, европски шампион со Португалија, додека Меси нема трофеј со Аргентина освен олимписки медал и младинско СП.