Лапорта: Меси сакаше да остане, ама јас не можам да ја уништам Барселона!

Првиот човек на шпанска Барселона, Жоан Лапорта објави дека Лионел Меси сакал да остане, но финансискиот фер-плеј бил толку ригиден што едноставно не било возможно да го задржат Аргентинецот под овие услови, без оглед што станува збор за најдобриот фудбалер во историјата на клубот.

Барса и Меси веќе два месеци разговараа за нова соработка и се договорија, но на крај се испречи тешката финансиска ситуација во клубот, а шансата за спас со продажбата наТВ-правата на американски ЦВЦ-партнерс, за кој преговара Ла Лига за 2,7 милијарди евра е неприфатлив за Каталонците, зашто на долг рок во следните 50 години треба да бидат заглавени.

„Овој клуб е над сто години стар и е над сите и над сѐ, па и над најдобриот фудбалер на сите времиња. Ние секогаш ќе му бидеме благодарни за сѐ што стори, но овој клуб е над сите фудбалери, над секој претседател. Ние сакавме да преземеме некој ризик, ама кога сфативме каква е ситуацијата тоа е преголем ризик. Јас не сакам да го уништам клубот. Сѐ е поради ригидноста на фер-плејот, Ла Лига не го следи текот на парите, а за да го исполниме требаше да има влијание на ТВ-правата врз клубот во следните 50 години. Тоа значи да немаме никакво влијание на клубот во следниот пола век. Кога го земавме клубот знаевме во каква состојба е, но кога ги направивме анализите излезе дека таа е уште полоша, а тоа е дека загубите се уште поголеми од тоа што очекувавме“, вели Лапорта.

Тој посочи дека на Меси не сакал да му дава лажна надеж иако до крајот на месецов можеше да се одолговлекува работата.

„Јас не сакам на никого да му давам лажна надеж, а најмалку на Меси. Кога преговаравме имаше временски лимит, а бидејќи финансискиот фер-плеј е ригиден, требаше и на фудбалерот да му се остави време за други опции. Меси сакаше да остане, претходно одби други понуди, два месеци разговаравме, минавме низ различни процеси, се договоривме за две години, па потоа за пет. Ла Лига требаше да биде пофлексибилна, а Лео заслужува сѐ. Тој покажа и докажа колку ја сака Барса, тажен сум, но и убеден дека го направивме најдоброто за клубот. Тоа што Лео го остава како наследство е неверојатно, тој напиша историја, најуспешен фудбалер е во клупската историја... Сега стартува нова ера на клубот, имало големи успеси и пред Лео, ќе има и после него“, додаде Лапорта.