Кој е човекот кој на Јуве му спаси 90 милиони, а го натера Роналдо да не зема плата?

За Џорџо Кјелини, кој се роди пред 35 години во италијанскиот град Пиза, речиси никој тогаш не можеше да претпостави дека ќе стане фудбалер еден ден, но Италијанецот ги изненади сите, па сега е еден од столбовите на одбраната во Јувентус, иако како дете навивал за Милан.

Малкумина претпоставуваа дека Кјелини ќе изгради богата кариера и ќе освои многу трофеи, а притоа ќе заврши и факултет во Торино.

„До крај. Тоа беше моето мото кое ми помогна да успеам во животот и фудбалот“, вели Кјелини.

Кјелини е одличен на теренот каде што се наметна во Јувентус како лидер и капитен, а потоа тоа го докажа и надвор од теренот. Освен фудбалот, тој се посветува на финансиите и економијата, а планира и да магистрира, а можеби ќе прави и докторат.

Затоа не чуди што токму Кјелини овие денови, во време на голема економска криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19 ги искористи фудбалското и академското знаење и на Јувентус му заштеди 90 милиони евра.

Дефанзивецот најпрво имаше состанок со останатите соиграчи во соблекувалната, односно со Џиџи Буфон и Леонардо Бонучи, па во договор со нив ги контактираше другите за да им ја објасни ситуацијата и да побара одобрение од нив во мисијата, која ја воодушеви светската јавност.

Тој почна од третиот голман на „Старата дама“, па ја убеди и најголемата ѕвезда на клубот, Кристијано Роналдо. Сите фудбалери се откажаа од четири плати и така ги спасија сите вработени во клубот.

Стилот на игра на Кјелини можеби не им се допаѓа на сите, но за точно 20 години на теренот, не може никој да го криткува неговиот војнички пристап на натпреварите, челичните нерви и храброста, која ја покажува на теренот.

Од Ливорно (2000-2002), Рома (2002-2005), позајмица во Фиорентина (2004/2005), па до трансфер во Јувентус за 4,3 милиони евра е составена неговата кариера.

Кјелини досега освои 17 трофеи, меѓу кои и седум пати титулата во Серија А, а во исто време стана економски експерти, па италијанските медиуми пишуваат дека го очекува функција во италијанскиот гигант по завршување на кариерата.

Наскоро полни 36 години, а договорот му завршува за три месеци. Меѓутоа, во Јувентус знаат дека со Кјелини никогаш немало проблеми за парите. Затоа го очекува продолжение на соработката на уште една година и можеби негов последен обид да ја освои Лигата на шампиони.

Дефанзивецот загуби две финалиња, во 2015 година од Барселона со 1-3 и од Реал Мадрид во 2017 година од Кардиф со 1-4.

Откако на стартот на првенството постигна гол за побда против Парма од 1-0 и беше прогласен за фудбалер на мечот, Јувентус и неговите фанови ги шокираше веста дека Кјелини ги скинал лигаментите на коленото и дека мора да оди на операција, по која требаше да паузира шест месеци.

Многумина во таков случај речиси сигурно би ја завршиле кариерата, но не и Кјелини, кој напорно тренираше по операцијата и од трибини ги поддржуваше соиграчите, кои без него, посебно последните месеци покажаа ранливост во одбраната.

По 168 дена пауза Кјелини се врати на теренот и одигра 12 минути во победата против Бреша (2-0), а потоа одигра и 55 минути против СПАЛ (2-1). Потоа го немаше во првиот осминафинален меч против Лион, а во меѓувреме се случи и коронавирусот, па Италијанецот мора да почека до следниот настап за „Старата дама“.

Јувентус и без него некако го задржа првото место во Серија А со бод повеќе од одличниот Лацио, а со враќањето на Кјелини на теренот сигурно ќе заиграат и „бјанконерите“ многу подобро.

Познат е и по изјавата за изборот за најдобар фудбалер во 2018 година, кога наградата му беше доделена на Лука Модриќ, а Кјелини смета дека тоа е „кражба“.

„Вистинска кражба се случи тогаш. Кристијано Роналдо ја освои Лигата на шампиони, а Антоан Гризман, Пол Погба и Килијан Мбапе го освоија Светското првенство, па така наградата за Модриќ немаше смисла“, кажа Кјелини.

Сепак, со Кјелини никогаш не е досадно, а кога му е најпотребен на клубот, се става дури и во улога на економски експерт.