„Како да освоиме титула кога Баерн има 150 милиони евра поголем буџет“

Најтрофејниот германски клуб Баерн Минхен доминира во Бундеслигата и сезонава осма година по ред ја освои шампионската титула и прашање е дали воопшто и во иднина ќе има конкуренција за тронот, па тренерот на најголемиот ривал на Баварците, Лусиан Фавр од Борусија Дортмунд побара од навивачите и јавноста да бидат реални.

Иако во сезонава во еден период беа и подобри од Баерн, иако имаат суперталенти како Џејдон Санчо или Ерлинг Браут Халанд, Борусија не може да го урне Баерн од тронот, а Баварците веќе за следната сезона ќе бидат посилни за репрезентативецот Лирој Сане, кој доаѓа од Манчестер сити.

„Треба да бидеме реални, иако поставуваме високи цели. Јас не сакам да барам алибија, ама Баерн има секоја година буџет кој е за 150 милиони евра поголем од нашиот. Не смееме ние да замижуваме пред овој факт. Ние сме близу, како лани, така и оваа година. Ама, да не заборавиме дека Баер ја одигра најдобрата полусезона во историјата, а плус имаме одличен развој на значајна сила од Менхенгладбах, Лајпциг, Леверкузен...“, вели Фавр.

Дали Дорттмунд од старт се откажува од трката за титула и во новата сезона? Фавр бара само да не се создава таков притисок.

„Нашиот фокус ќе биде како да победиме на секој следен меч и како фудбалерите да бидат уште подобри од меч во меч. Јас не сум противник на титули, туку сакам да сум реален и целите мора да ги поставуваме реално. Не треба да поставуваме превисоки цели“, додава Фавр.

Тренерот на „милионерите“ ја доби довербата од раководството на клубот за да продолжи на клупата и во следната сезона, која според најавите ќе стартува на 18 септември.