Јувентус се договори со Ајакс за Де Лихт, медицинските прегледи закажани за утре

Сагата околу трансферот на Матијас Де Лихт во редовите на Јувентус конечно заврши. Холандскиот дефанзивец изминатиов месец постојано се поврзуваше со неколку фудбалски гиганти, како ПСЖ, Барселона, Јувентус, кои покажуваа сериозен интерес за него, сепак, спортскиот директор на „Старата дама“, Фабио Паратичи, победи кога е во прашање потписот на капитен на Ајакс.

Според „Газета дело Спорт“, договорот помеѓу клубот и играчот бил затворен денеска наутро по долгиот разговор кој го имале двете страни. Инаку на преговарачката маса седнал добро познатиот агент, Мино Раиола, кој бил посредник во преговорите, и сакал набргу да заврши трансфер на својот клиент во редовите на Јуве.

Де Лихт ќе пристигне во Торино вечерва (најдоцна утре наутро) на лекарски прегледи и за дефинирање на последните формалности. Вкупниот надоместок платен на Ајакс ќе изнесува околу 70 милиони евра плус дополнителни бонуси. Договорот со „бјанконерите“ вклучува и ослободителна клаузула од 150 милиони евра.