Интер ќе го отпуши Конте и ќе го замени со Алегри?

Челниците на Интер не се премногу среќни од работата на тренерот Антонио Конте. Тимот сериозно заостанува во борбата за титулата, што беше приоритет за „нераѕурите“ сезонава, а ако не дојдат до тронот на Јувентус, барем да бидат најсериозни конкуренти.

Интер има 10 бодови помалку од Јувентус и се наоѓа на четвртата позиција, а лошата форма во последно време само им дава причина на челниците да бидат незадоволни. Тимот загуби дома од Болоња, а минатото коло ремизираше со Верона.

Новинариот Фабио Равецани за едно италијанско радио изјави дека добил информација од таборот на Интер дека Конте ќе биде отпуштен на крајот од сезоната. Со неговото назначување, Интер доведе дури 11 нови фудбалери и не може да се каже дека ја немаше подршката од раководството.

Конте има договор до јуни 2022 година, но Интер не се плаши да го отпушти предвреме и покрај тоа што ќе мора да му плати огромно обештетување. Според Равецани, Интер веќе има и замена за Конте, а тоа е Масимилијано Алегри.