Инцидент на тренингот на Англија: Фудбалери на Ливерпул и Сити сакале да се тепаат

Само еден ден откако Ливерпул го совлада Манчестер сити со 3-1 во рамки на Премиерлигата, се случи инцидент на првиот тренинг на фудбалската репрезентација на Англија. 

Рахим Стерлинг од Манчестер сити и Џо Гомез од Ливерпул уште вчера на „Енфилд“ имаа „блиска средба“, а очигледно имале што да си кажат и на денешниот тренинг со репрезентацијата. Инцидентот се случил откако фудбалерот на „црвените“ почнал да се шегува за поразот на „граѓаните“, па работите брзо излегле надвор од контрола.

Гомез и Стерлинг имале во вербална пресметка, но веднаш биле раздвоени од колегите и бил спречен физички напад. Останатите играчи биле шокирани од сцените, бидејќи најпрво мислеле дека двајцата фудбалери пријателски се шегуваат.

Англија се подготвува за дуелите со Црна Гора и Косово во евроквалификациите, а не е исклучено селекторот Герет Саутгејт да им се заблагодари на двајата и да ги исфрли од националниот тим.