Хет-трик порази на Рома: Елмас доби неколку минути за Наполи (ВИДЕО)

Наполи славеше на дербито против Рома со 2-1 во рамки на 30.коло во Серија А.

Момците на Џенаро Гатузо ја продолжија ужасната серија на „волчицата“, која сега е во серија од три порази по ред. Во првото полувреме немаше голови, а се чекаше до 55-тата минута Хозе Калјехон да го отвори резултатот.

На спротивната страна врати Хенрик Михтаријан само пет минути подоцна со прецизен удар од далечина за 1-1.

Победничкиот гол за „наполитанците“ беше дело на капитенот Лоренцо Инсиње, кој постигна мајсторски гол од работ на шеснаесетникот за 2-1.

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас доби шанса од Гатузо во самиот финиш, односно во 86-тата минута од натпреварот.

Наполи со оваа победа се израмни со бодовите со Рома со по 48, но „волчицата“ останува на 5.место поради подобрата гол-разлика.