Гризман во најтешка ситуација – не ѝ треба на Барса, а ни Атлетико не смета на него!

Францускиот репрезентативец Ентоан Гризман (31), кој не е ни бледа сенка од тоа што беше до заминувањето во Барселона, сега се наоѓа во најтешкиот период во кариерата, зашто ниту Атлетико Мадрид премногу ќе смета на него во новата сезона, ниту пак ѝ треба на Барселона.

Гризман после трансферот од Атлетико Мадрид во Барселона за 120 милиони евра, по кој излезе само една голема утка на Каталонците, се врати во Мадрид на двегодишен заем со право на откуп за 40 милиони евра. Арно ама, Диего Симеоне не смета на него за новата сезона и веќе му порачал дека нема да има преголема минутажа и дека најизвесно е дека почесто ќе биде резерва одошто ќе добива минути на теренот.

„Клубот му соопштил дека на него не смета и не е во прв план. Атлетико сака да го откачи зашто се уверени дека Ентоан повеќе нема да биде фудбалерот каков што некогаш беше“, објави ЕСПН, повикувајќи се на извори од мадридскиот гигант.

Гризман играше 15 минути во првиот меч сезонава со Хетафе и победата со 3-0 на која блескаше Жоао Феликс со хет-трик асистенции и Алваро Мората со два гола.

Гризман сега подобро е да бара нов клуб и да се обиде да ја оживее формата за да биде во конкуренција за место во француската репрезентација, зашто со премала минутажа во Атлетико, тешко дека Дидие Дешан ќе го викне за претстојното СП во Катар.

Шпански медиуми летово најавија дури и дека Атлетико ќе ѝ го врати Гризман на Барса, па Каталонците да имаат мака да се откачат од него, но Французинот остана во Атлетико и за новата сезона, иако сѐ уште има време да направи трансфер до крајот на преодниот рок.