Ѓока нема да пазарел по секоја цена, па после се запали: Нови ѕвезди ќе дојдат во Шкендија!

Шкендија со ремито 2-2 попладнево во Скопје остана на осум бода негатива во однос на Вардар по една полусезона во македонското фудбалско првенство, но тренерот Ернест Ѓока после денешниот меч најави дека разликата не е преголема и дека тетовци имаат доволен квалитет на пролет да ја достигнат и надминат таа предност на вардарци.

Иако од поодамна се шпекулира дека неизвесноста во Шкендија со најавите за намалување на договорите на големите ѕвезди за 50 отсто ќе донесат многу заминувања од таборот на црвено-црните, но Ѓока денеска сето тоа го демантираше иако во две изјави посочи две тотално различни ставови околу засилувањата на актуелниот првак.

Прво тренерот на тетовци посочи дека како евентуални засилувања може да дојдат фудбалери, ако се укаже шанса, само неко(и)ј што би бил ептен квалитетен, оти овој тим има доволен квалитет за титула.

„Шкендија има добра група на фудбалери и има квалитет не само за македонско првенство, туку и за Европа. Сигурно ако успееме да донесеме некој фудбалер што е квалитет на повисоко ниво би ни било добредојдено, ама по секоја цена нема да се засилуваме. Зашто и вака имаме добра група на играчи“, потенцира тој.

Но, откако го запрашавме, дали е точно дека некои ѕвезди ќе си заминат, зашто се најавува кратење на буџетот, тренерот потоа бомбастично најави – ѕвезди не си одат, други ѕвезди ќе дојдат.

„Шпекулациите се неточни, зашто од Шкендија нема да си заминат големите ѕвезди, туку во Шкендија ќе дојдат големи ѕвезди. Во Шкендија не е проблем буџетот, туку едноставната работа е тимот да се крене на повисоко ниво и да не ни се повтори таа катастрофална прва фаза“, вели Ѓока.

Вардар ќе ја дочека пролетната фаза со осум бода предност, но тренерот на Шкендија најавува дека има доволен квалитет овој тим за да ја достигне и натмине таа бордовна разлика на лутиот ривал.

„Осум бода е добра разлика за противникот, но јас мислам и верувам дека ние можеме да ги стигнеме и да ги поминеме. Секако за тоа треба многу борба и знам дека ќе биде голема борба на пролет, но мислам дека сме подготвени во така отворена борба да докажеме дека можеме и дека сме кадарни да ја достигнеме таа негатива. Не сменив(ме) нешто премногу. Играчите се тие што беа, но во првиот дел од есенскава полусезона тимот не беше на ниво, успеавме да се вратиме и да почнеме да играме како што знаеме и умееме. Иако секогаш може подобро, јас сум задоволен ние имаме една цел, а тоа е шампионската титула и мислам дека сме на добар пат да продолжиме да се дигнеме и да го реализираме тоа што го имаме зацртано“, додава тој.