Фудбалот загуби голема легенда: Почина Радомир Антиќ

Поранешниот фудбалски тренер Радомир Антиќ денеска почина во Шпанија на 71-годишна возраст, јавуваат тамошните медиуми. 

Засега не се објавени причините од кои починал легендарниот Србин, кој во својата богата тренерска кариера е единствениот што ги водел  Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид. Како фудбалер играше за Слобода Ужице, Партизан, Фенербахче, Сарагоса и Лутон.

Речиси целата своја тренерска кариера ја мина во Шпанија, каде ги тренерираше Сарагоса, Атлетико Мадрид во три наврати, Реал Мадрид, Барселона, Овиедо и Селта. Беше селектор на Србија од 2008 до 2010 година, а неговите два последни ангажмани беа во Кина во Шандонг Луненг и ХебеиЧајна Фортјун.

Најголем успех на Антиќ во тренерската кариера беше освоената двојна круна со Атлетико Мадрид во сезоната 1995/1996.