Евертон грчевито се бори за опстанок, ама поради долг од 400 милиони може да – испадне

Англискиот премиерлигаш Евертон, кој грчевито се бори за опстанок во елитната Премиерлига, се соочува со многу посериозен проблем во таа битка, зашто на „зелена маса“ може да испадне и залудна да биде фудбалската борба.

„Скај Спорт“ објави дека Евертон е на тапет поради прекршување на финансиските правила и преголемо задолжување, иако од „Гудисон Парк“ веќе посочиле дека не се сложуваат со обвиненијата и најавиле жестока борба пред комисијата за финансии.

Евертон е 15-ти со 26 бода, но далеку од сигурен опстанок, па на сите маки, иако се крена тимот после ангажманот на Шок Дајш на кормилото, сега овој проблем со задолжување од преку 400 милиони евра е многу сериозен проблем, зашто според правилата во Англија, клубот освен што би бил казнет финансиски за прекршување на регулативите, може да им бидат одземени бодови, па така административно би испаднале.

Според обвинението, Евертон ги прекршил правилата во сезоната 2018/19 и во сезоната 2021/22, а во последните три години имаат 400 милиони евра загуба, далеку од максимумот што Премиерлигата го дозволува – 110 милиони евра по сезона.

„Карамелите“ се еден од шесте тимови кој никогаш не испаднал во понизок ранг откако е формирана Премиерлигата, а бидејќи сезонава малку бодови има освоено, секое административно губење на бодови, особено ако е некое поголемо, ќе значи веќе дефинитивно испаѓање во Чемпионшип.