„Елмас сите ги воодушевува, сигурен сум дека ќе биде – врвен фудбалер!“

Макеоднскиот дијамант Елиф Елмас блеска за Наполи од првиот ден откако Лучано Спалети му стана тренер и тоа веќе сто пати е потенцирано од италијанските медиуми и познати новинари и ТВ-коментатори, кои како одминува сезоната, а младиот фудбалер за врска сѐ повеќе станува клучен играч кај наполитанците се убедени дека полн погодок е неговиот трансфер вреден 16 милиони евра од турски Фенербахче.

Иако за Елмас постоеа сомнежи дали се исплатеа фрлените пари, после тешкиот период на прилагодување, но и недовербата што во него ја имаше Џенаро Гатузо, кај Спалети приказната е поинаква, Елмас на низа мечеви се покажа како клучен или еден од клучните фудбалери, па досега има шест гола и пет асистенции, а иако е 22-годишен веќе дојде до 110 настапи во наполитанскиот дрес.

Кармине Мартино е новинар и коментатор на „Спорт Медијасет“ кој потенцира дека очекува од македонскиот бисер да стане – врвен фудбалер.

„Сите знаеме дека Елмас е протеже на Спалети и дефинитивно со него, Македонецот – експлодира. И јас сум убеден дека Елмас ќе стане топ фудбалер! Ова момче покажува огромен талент и потенцијал, напредува од меч во меч и нема некој кој не го воодушевува со своите настапи. Мислам дека е полн погодок неговиот ангажман од страна на раководството на наполитанците и сега тоа посебно се гледа. Очигледно е дека работата со Спалети му влева огромна самодоверба“, вели Мартино.

Елмас според истражувачката опсерваторија ЦИЕС има вреднот до 75 милиони евра, најмногу и поради долгорочниот договор до 2025 година и е еден од десетте највредни фудбалери во моментов во италијанското Калчо.