Елмас сигурно ќе биде стартер во Барселона, ако Инсиње не може да игра?

Македонскиот бисер Елиф Елмас веќе сигурно е дека ќе биде стартер за Наполи против Барселона на „Камп Ноу“ во реванш осминафиналето во Лигата на шампионите во недела навечер, ако капитенот на наполитанците Лоренцо Инсиње и дефинитивно не може да игра на овој меч поради повреда.

Инсиње се повреди во саботата во завршницата од Калчото, заработувајќи повреда на адукторот, па беше заменет шест минути пред крајот од Елмас и сега се бори со времето за да биде оспособен за пресметката со Каталонците.

Но, италијанските медиуми веќе најавуваат дека Гатузо веќе го подготвил планот Б за Наполи против Барселона, во случај дефинитивно Инсиње да отпадне, а предност ќе добие Елмас во однос на Мексиканецот, Ирвинг Лозано. Според нив, Елмас е избор на Гатузо како замена за Инсиње, зашто така тимот против Меси и другарите ќе биде многу побалансиран, од аспект што македонскиот бисер знае добро да одигра и во дефанзива, што не е случај со Лозано, кој е исклучиво напаѓачки ориентиран.

Гатузо сметал дека со Елмас ќе остане опасен и во нападот, ама ќе има многу постабилен тим дефанзивно, што не би го добил од Лозано, кој иако во фаза на напад би бил и можеби пологично решение, но ќе се создава поголема дупка во одредени делови на теренот на кои Елмас многу полесно и поадекватно би покрил.

Сепак, план А на Гатузо е Инсиње да биде спремен, а според најавите денеска попладне ќе треба да се знае дали капитенот отпаѓа или ќе биде подготвен за игра во Каталонија.