Димитриевски не го сочува голот, но Валенсија се спаси од пораз (ВИДЕО)
Валенсија одигра нерешено (1-1) со Елче на домашен терен и остана во зоната за испаѓање од Ла Лига што дополнително ги изнервира навивачите на Местаља. Димитриевски беше стартер поради повреда на првиот чувар на мрежаѕа Агиресабала, а малку недостасуваше и тој самиот предвреме да го заврши мечот бидејќи се повреди во првото полувреме.
Му беше укажана лекарска помош, паузата траеше неколку минути, ама Столе стисна заби, остана на голот и го заврши мечот. Голот го прими во 75. минута кога Диангана со прекрасен удар ја затресе неговата мрежа. Диангана беше во центарот на вниманието и десетина минута подоцна кога играше со рака во својот шеснаесетник, Валенсија доби пенал, а Пепелу од белата точка беше прецизен и ѝ донесе бод на својата екипа.
Ова беше шести натпревар без триумф за Валенсија која својата последна победа ја оствари на 21 ноември против Леванте на домашен терен. Сега има 17 бода, еден помалку од 17-пласираната Мајорка која утре го игра својот меч против Рајо Ваљекано.