Детето кое го воодушеви Мурињо се исповеда: Жозе ми го разубави животот!

Младото дете, кое стана херој на Тотнем и на Жозе Мурињо со една „асистенција“, откако правовремено додаде топка за да се изведе аут, после два дена од својот херојски чин по кој и „специјалниот“ му се поклони се исповеда дека моментот му е – најубав во животот.

Петнаесетгодишниот Калум има приказна што ќе ја раскажува цел живот, а веројатно наскоро ќе има шанса да се види повторно со Мурињо, но и со целиот тим на европскиот вицепрвак.

„Малку е смешно, но јас само си ја работев работата. И сè уште не можам да поврувам што се случи. Не го видов голот, бев зафатен за да земам друга топка и потоа слушнав славје. Се свртев и го видов Хери (Кејн – н.з.) како прославува. Потоа на екранот видов што се случило. Можете да заклучите после мојата насмевка, дека сето тоа беше неверојатно. И Жозе тоа што го направи не мораше да го стори. Ама направи нешто што не очекував и баш убаво што го стори тоа. Ми го разубави денот, ма и животот! Ова е момент што нема никогаш да го заборавам“, вели Калум.

Збунети биле и неговите родители, кои биле на трибината.

„Бевме на стадионот и видовме како Жозе оди кон Калум, мислевме нешто ќе му дофрли, а потоа – почнаа телефоните да ни ѕвонат. Таа насмевка на Калум... Жозе направи така неверојатен потег! Калум секогаш вели дека сака да стои крај аут-линијата зашто многу учи од фудбалерите. А, тој додека доаѓавме кон стадионот со батерија читаше и учеше математика“, вели мајката Кели.

Португалскиот контроверзен менаџер Мурињо по мечот го посочи детето кое додава топки дека е „играч на мечот“, зашто бил пресуден за камбекот на Тотнем во победата со Олимпијакос со 4-2 по што лондончани го заверија осминафиналето во ЛШ.

„Јас сакам интелигентни деца, каков што бев јас како мал. Беше брилјантен, очигледно дека добро ја разбра играта и имаше многу важна асистенција. Не беше дојден само за да го гледа мечот, туку добро ја чита играта. Јас се обидов по мечот да го пронајдам, ама веќе си заминал“, рече Мурињо по мечот.