Делегација на Реал е во Италија – дојдоа по Сергеј или сакаат размена Модриќ за Икарди?

Претставници на европскиот првак Реал Мадрид допатувале денеска во Рим, објавија италијанските меидуми, но без детални информации за која цел се дојдени претставниците на „кралскиот клуб“, по што низ медиумите на Апенините се најавуваа низа сценарија.

Додека Лука Модриќ чека состанок со Флорентино Перез, најавен за утревечер или в сабота наутро, за и официјално да соопшти дека сака трансфер во милански Интер, претставници на „кралевите“ заминале во Италија да преговараат за две потензијални засилувања кои од поодамна се споменуваат да дојдат на „Сантјаго Бернабеу“

Дел од медиумите објавија дека Реал Мадрид ќе се обиде со Модриќ да издејствува да го добие најдобриот стрелец во Калчото, Мауро Икарди, иако од таборот на миланезите од поодамна најавија дека Аргентинецот не е на продажба. Икарди и пред стартот на преодниот рок се поврзуваше со трансфер во Мадрид, а „кралевите“ операцијата ја започнале преку неговата сопруга и сексапилната Ванда Нара, која му е менаџерка.

Некако се поклопува, ама жените на фудбалските суперѕвезди во моментов го имаат главниот збор, затоа што евентуалниот трансфер на Модриќ на почеток го одработила неговата сопруга, по што сега во главна улога се менаџерот и бившиот спортски директор на Реал, Предраг Мијатовиќ. Во случајот со Икарди, пак, Ванда е негова менаџерка, која одамна посочува дека сака да живее во Шпанија, но...

Оваа не е единствената шпекулација во недостаток на вистински информации. Втората е дека реаловата делегација е во Рим за да преговара со Клаудио Лотито, првиот човек на Лацио за да го купи Сергеј Милинковиќ-Савиќ, како замена за Модриќ. Шпанските медиуми неодамна објавија дека постои опција за тројна размена во која Лацио би заработил пари, би го добил Жоао Марио, а во спротивен правец Милинковиќ-Савиќ би дошол во Реал, а Модриќ во Интер.

Сега останува да се види што на крајот ќе испадне од оваа сапуница, во која италијанските и шпанските медиуми, како гласноговорници на Интер односно Реал Мадрид се прекупуваат и демантираат на секоја објавена вест.