Чурлинов поради проблеми со визата не заминал на прегледи во Англија, ќе ги прави во – Париз!

Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов, кој има договорен трансфер за пет милиони евра од Штутгарт во Барнли, вчера требаше да ги има лекарските прегледи пред да стави официјално потпис на договорот до 2026 година, ама такво нешто не се случи од – бирократски проблеми.

Како што објавуваат германските медиуми, проблемите со визата на Чурлинов за да замине во Англија на задолжителните прегледи пред да го потпише договорот било пречка за да се заврши последниот „бирократски и организациски детал“ за да се комплетира трансферот, па според најавите сега македонскиот репрезентативец во четврток во Париз ќе ги има прегледите пред да заврши сѐ со Барнли.

Штутгарт од Чурлинов треба да добие 3,5 милиони евра веднаш за трансферот, а уште 1,5 милиони евра во разни бонуси, додека македонскиот фудбалер ќе потпише четиригодишен договор и тој е голема желба на тренерот Венсан Компани за да го засили тимот од „Турф Мор“. Компани вчера објави дека многу го сака Чурлинов, дека многу опции ќе донесе македонскиот фудбалер, но дека сѐ уште ништо не е завршено за неговото доаѓање.

Ако во четврток се комплетира сѐ, Чурлинов додека замине во Барнли го чека уште подолга бирократска процедура, а тоа е добивањето на работната дозвола, „пеколен пат“ низ кој мина Бојан Миовски пред да дојде во Абердин и за што се потребни десет дена до две недели за да се комплетира сѐ, поради Брегзит и одделувањето на Велика Британија од ЕУ.