Чави разочаран од една одлука на раководството на Барселона

Тренерот на Барселона, Чави изрази разочарување што раководството на клубот не вметнало клаузула при позајмицата на Ерик Гарсија во Жирона, со која дефанзивецот нема да може да игра против својот матичен клуб.

Барселона денеска го пречекува најпријатното издание во Ла Лига оваа сезона, екипата на Жирона.

Во пресрет на натпреварот, Чави даде свое видување за клаузулата со која фудбалерите кои се испраќаат на позајмица не смеат да играат против своите матични клубови.

Тренерот на Барселона изрази разочарување што раководството на клубот заборавило да вметне ваква клаузула кога го пратиле Ерик Гарсија на позајмица во Жирона.

„Ми се допаѓа ваквата клаузула, наш фудбалер не смее и не треба да игра против нас. Погледнете само што се случи минатиот викенд со Жоао Феликс и Атлетико Мадрид“,  вели Чави.

Атлетико го испрати Жоао Феликс во Барса без ваква клаузула, па Португалецот играше против својот тим, и не само тоа, со гол го реши дербито и донесе победа за „каталонците“.

„Нелогично ми е наш фудбалер да игра против нас, ќе биде екстра мотивиран“.

„Зделката за преселба на Ерик Гарсија во Жирона се случи брзо, па некој заборавил или немал време да вметне ваква клаузула“.