Чави јасно му порачал на Дембеле: Ако не потпишеш, заврши твоето на „Камп Ноу“

Сагата околу едно од најскапите засилувања на Барселона во историјата, Осман Дембеле со инаетот околу новиот договор продолжува во Каталонија, па откако се појавија информации дека француски ПСЖ ќе го грабне во завршницата од преодниот рок, Французинот и неговиот менаџер имале последен состанок со тренерот Чави Ернандез и добиле јасна и гласна порака – или нов договор или нема повеќе играње за каталонската гордост.

Дембеле постави нереални услови среде најголемата финансиска криза на Барса со кои сака буквално да ја одере каталонската гордост, што е неприфатливо за великанот, па натегањето доведе до ситуација Каталонците да му се заканат или ќе продолжи по нивни услови или да си бара нов клуб, зашто договорот му истекува на лето.

Дембеле не играше за Барса на последните два меча, а Чави Ернандез го имал веројатно последниот состанок со него и менаџерот Муса Сисоко, на кој им порачал дека без продолжување на соработката, Дембеле нема да заигра за Барса.

„Дембеле мора да прифати едно, или ќе потпише нов договор или ќе мора да си оди, зашто во другиот случај повеќе за Барселона нема да игра“, објави „Марка“, цитирајќи ги зборовите што Чави ги упатил до фудбалерот и менаџерот на последниот состанок.

Ако Дембеле не успее до понеделник да направи трансфер, во случај да не ја прифати сѐ уште отворената понуда за продолжување на договорот, до крајот на сезоната ќе биде само гледач и на лето ќе може да си замине каде сака, зашто ќе биде слободен играч.

Менаџерот, пак, посочил дека сѐ уште постојат шанси за договор, но само ако Барса ја подобри понудата, што е прашање дали е изводливо среде кризата во која се наоѓа со долгот над 1,3 милијарди евра.