Бундеслигата нема да ги казни Санчо, Хакими, Турам и Мекени

Изминатиот викенд многу фудбалери во Бундеслигата решија за време на натпреварите да испратат порака со подршка за протестите што се одржуваат ширум САД поради смртта на афро американецот Џорџ Флојд, кој почина при брутално апсење од полицијата во Минеаполис.

Низ САД се одржуваат антирасистички протести, па и дел од фудбалските ѕвезди побараа правда за Флојд. Вестон Мекени, Џејдон Санчо, Ашраф Хакими и Маркус Турам имаа политички пораки за време на натпреварите, особено при прославата на головите.

Вакво нешто вообичаено строго се санкционира од фудбалските федерации, а особоено од ФИФА. Сепак, во овој случај ФИФА побара од националните федерации да имаат „здрав разум“ при разгледувањето на случаите.

Германската фудбалска федерација соопшти дека нема да преземе никакви дисциплински мерки против фудбалерите што изминатиот викенд заземаа стаб против расизмот.

„Секако дека Дисциплинската комисија на Федерацијата секогаш ги има предвид правилата на ФИФА и нашите регулативи“, изјави д-р Антон Нахрајнер, претседателот на Дисциплинската комисија при Германската фудбалска федерација. „Во овој случај, ова се таргетирани кампањи против расизмот на фудбалерите, кои се на иста линија со нашите заложби. Затоа нема да има никаква постапка против нив, дури и ако оваа антирасистичка кампања продолжи и во наредните недели“, додаде Нахрајнер.

„Германската федерација е цврсто против сите форми на расизам, дискриминација и насилство и се залага за толеранција, отвореност и различност, сите овие начела ги има во нашиот статут. Па затоа постапките на фудбалерите ја имаат нашата почит и разбирање“, рече првиот човек на германскиот фудбал, Фриц Келер.