Бруно ги смирува навивачите: Роналдо останува во Манчестер јунајтед

Бруно Фернандеш е убеден дека неговиот сонародник Кристијано Роналдо не планира да си замине од Манчестер јунајтед ова лето. 

Изминатиот период кружеа многу шпекулации дека Челси, Рома, но и Спортинг Лисабон би можеле да бидат негови следни дестинации. 

„Каков е статусот на Роналдо? Ќе се видиме во понеделник на стартот на подготовките за новата сезона. Не очекувам ништо друго. Секој е креатор на сопствената иднина, но мислам дека клубот не е подготвен да загуби таква важна фигура како Роналдо“, рече фудбалерот од средниот ред. 

Под водство на новиот менаџер Ерик тен Хаг, Бруно вели дека Манчестер јунајтед почнува од нула и влегува во нов проект. 

„Целта е да бидеме далеку подобри од лани. Голем клуб како Јунајтед секогаш мора да победува и да освојува трофеи. Ќе се обидеме во сите натпреварувања. Ова е нов проект, почнуваме од нула, ќе мораме да му дадеме малку време да процвета“, додаде Фернандеш.