Борусија ја симна бундеслигашката сензација од врвот (ВИДЕО)
Со тоа, „милионерите“ го симнаа од челната позиција својот вечерашен противник кој беше најпријатно изненадување по првите две кола и првпат се најде на првото место во германската елитна дивизија, во својата 178-годишна историја. Иако постои толку долго, Хајденхајм дури лани дебитираше во Бундеслигата, го освои осмото место и обезбеди пласман во Конференциската лига, а во првите две кола од оваа сезона ги победи Сент Паули и Аугсбург со вкупна гол-разлика 6-0.
И вечерва не се исплаши од големиот противник иако по само 17 минути имаше два гола негатива, по погодоците на Мален и Адејеми. Пјерингер намали, но на голем одмор Борусија замина со 3-1 по вториот гол на Адејеми. Бројнинг ја врати неизвесноста во 74. минута, но Емре Џан во судиското продолжение стави крај на сите дилеми и на надежите на Хајденхајм дека може да дојде до ново изненадување.
Борусија Дортмунд со овој триумф привремено се искачи на првото место на табелата, но Баерн и Лајпциг ќе имаат можност викендов да ја тргнат оттаму.