Борусија Дортмунд донесе историска одлука: Нема веќе да продава играчи во Баерн Минхен!

Германскиот бундеслигашки лидер Борусија Дортмунд, поранешен првак и освојувач на ЛШ со години важи за клуб со една од најдобрите спортски политики, клуб кој инвестира во млади фудбалери, ги прави фудбалски ѕвезди и потоа скапо ги продава.

Дортмунд само во последните три години има заработка од 300 милиони евра од трансфери, а последен во низата е Кристијан Пулишиќ, кој за 64 милиони евра е продаден на Челси. Пред една година, Осман Дембеле беше продаден во Барселона за 105 милиони евра, а го купија „милионерите“ за 15 милиони. А, да не се набројуваат Пјер Емерик Обемејанг, Шинџи Кагава, Илкај Гунгодан и останатите играчи од генерцијата која пред осум години беше германски првак, па стигна и до финале во ЛШ.

Но, на „Сигма Идуна Парк“ сега донеле историска одлука со која Борусија Дортмунд повеќе нема да му продава фудбалери на својот најголем ривал Баерн Минхен. Баварците од Дортмунд веќе ангажираа три ѕвезди во последната декада – Марио Гетце, Роберт Левандовски и Матс Хумелс.

„Членовите на управата на Борусија се договорија дека на Баерн повеќе нема да му продаваат фудбалери и на тој начин да му помагаат на минхенскиот клуб да биде најдобар. Борусија повеќе не сака да биде 'повремен играч за титула', туку сака да ја прекине доминацијата на Баерн. Тоа е политика за која сите едногласно се сложија и таа сега е столб за една нова и моќна Борусија“, објави „Билд“ повикувајќи се на информации од таборот на црно-жолтите.