Барселона со конкретен предлог: „Ел Класико“ да се игра пред празни трибини?!

Првото „Ел Класико“  помеѓу Барселона и Реал Мадрид оваа сезона треба да се одигра на 26. октомври на „Камп Ноу“ од 13 часот.

Сепак, големи се шансите овој натпревар да не се одигра поради ситуацијата во Барселона. Со денови има протести за пресудата против политичарите во Каталонија, а на улиците во Барселона владее вистински хаос.

Ла Лига изрази загриженост за безбедносната состојба за „Ел Класико“ и предложи клубовите да ја заменат домашната страна и да го одиграат првиот меч во Мадрид.

Сепак, Барселона и Реал ја отфрлија оваа опција и доколку нешто не се промени, се чини дека единственото решение ќе биде да се одложи мечот и да се презакаже за на 18. декември.

Но, мадридскиот „АС“ утрово објави дека Барселона дури размислува за можноста да го игра едно од најголемите дербија во светот пред празни трибини.

Тоа се случи пред две години против Лас Палмас заради речиси идентичната ситуација во Барселона. Сепак, тешко е да се очекува дека Ла Лига ќе дозволи ваков натпревар да се одигра пред празни трибини и речиси сигурно нема да го одобри таквото барање на Барселона.