Барселона ја потопи „жолтата подморница“: Мајстории на Суарез и Гризман (ВИДЕО)

Барселона се врати на победничките патеки во Ла Лига прегазувајќи го Вилјареал со 4-1 на гостински терен во рамки на 34.коло.

Каталонците вечерва покажаа класа и знаење, па убедливо дојдоа до трите бода. Гостите поведоа уште во третата минута по една убава акција, но реализатор на голот беше домашниот фудбалер Пау Торез. Џерард Морено го израмни резултатот десет минути подоцна по една контра што ја креираа Пако Алкасер и Санти Казорла.

Потоа на сцена стапи Луис Суарез, кој постигна прекрасен гол во 20-тата минута по асистенција на Лионел Меси. Пред самиот крај на првото полувреме уште една мајсторија на гостите, но овој пат реализираше Антоан Гризман со лоб, а повторно асистираше Меси. Конечниот резултат беше поставен во финишот, а четвртиот гол за Барселона беше дело на младиот Ансу Фати.

Каталонците сега на втората позиција на табелата имаат четири бодови помалку во однос на лидерот Реал Мадрид.