Барди: Ова беше незаборавна ноќ - најубава откако сум во Леванте!

Македонскиот репрезентативен ас Енис Барди со два гола од слободен удар за две минути влезе во фудбалската историја на шпанската Ла Лига. Напиша историја како најбрз стрелец на два гола од слободен удар (123 секунди), прв по шест години кој на Пиринеите погодил двапати од прекин, стигна до четири гола сезонава на ваков начин, па дури и статистички да биде поефектен од еден Лионел Меси. Најдобриот светски фудбалер Кристијано Роналдо, пак, сезонава сè уште не погодил од слободен удар.

Шпанија е воодушевена од македонскиот „снајпер“, кој за шпанските медиуми во мини-интервју изјави дека ова е неговата најубава вечер откако дојде во Леванте летоска за 1,5 милиони евра вреден трансфер од Ујпешт.

„Шефот (Пако Лопез - н.з.) ми рече да размислувам само на работа и тоа многу ми помогна. Им благодарам на моите соиграчи и на навивачите, кои ме поддржуваа во овие четири месеци. Ова беше најубавата ноќ откако сум во Леванте. Среќен сум за победата, трите бода... Но, мора да продолжиме понатаму, веќе в петок ни доаѓа Севилја. Ако победиме опстанокот е сигурен“, вели Барди.

Репрезентативецот постигна два мајсторски голови, а за првиот вели дека е далеку потежок во однос на вториот. Додава и дека од премногу емоции не знаел што да направи кога тргнал да го прославува погодокот.

Првиот гол беше многу тежок. Бев преблизу, а и голманот мислеше дека ќе центрирам. Вториот гол беше полесен. На крајот на краиштата најважни се трите бода. Повторно ќе кажам – благодарам и на тренерот, на соиграчите и на навивачите. Бев нервозен, не знаев што да направам. Кога ќе дадете гол, никогаш не знаете како да реагирате, а вториот гол ме возбуди премногу. Не знаев што да направам, па го соблеков дресот“, додава Барди.

По четири месеци пауза тој повторно доби улога на стартер за Леванте, а сето тоа го круниса со фантастичен настап, со кој се најде очекувано во тимот на колото. По двата гола на „Сан Мамеш“, ги собра и аплаузите на гледачите, кои го поздравија фудбалскиот мајстор.

„Фудбалот е таков, понекогаш работите не одат како што посакувате. Но, трпението се исплати за да се вратите на своето место. Јас многу страдав, очекував шанса, па сега му благодарам на бога за оваа шанса. Не слушнав дека ми аплаудираа, но знам дека е прекрасно чувство кога ќе му помогнеш на тимот. Навивачите со нивната поддршка ми помогнаа многу за да продолжам да работам, ми дадоа сила. Сега очекувам да бидеме во одлична форма и за следниот меч“, заврши Барди.