Баерн му нуди размена на Јуве – Влаховиќ за Мане!

Баерн Минхен ќе се обиде да ја земе српската ѕвезда Душан Влаховиќ од Јувентус и според информациите на познатиот Флоријан Плетенберг од „Скај Германија“ на торинскиот гигант му го нудат Садио Мане.

Јувентус е пред елиминација од Европа со казна од УЕФА, иако сѐ уште има шанси да игра во еврокуповите преку Серија А, па таква суспензија многумина на Апенините ја толкуваат како искра за Влаховиќ да биде продаден и Баерн веќе подолго време бара решение за центарфор откако си замина Роберт Левандовски во Барселона.

Виктор Осимен е прескап (над 140 милиони евра бара Наполи), Хари Кејн е преценет за преку 100 милиони на една година пред истек на договорот, па Влаховиќ би било идеално решение зашто во најава е дека за 80 милиони евра би бил достапен. Но, Баерн има адут во Мане кој дојде како големо засилување, но после инцидентот со Лирој Сане по елиминацијата од Манчестер сити, Сенегалецот е сѐ поблизу до заминување после само една година во Баварија.

Од друга страна, Томас Тухел инсиситира да го земе Деклан Рајс, англискиот репрезентативец за врска од Вест Хем, па дури и трицифрена сума не би била проблем ако Англичанецот се согласи да дојде. Наводно, како што посочува Плетенберг, Тухел веќе разговарал со Рајс.