Баер го помина и Јувентус и сега е екипа со најдолга серија без пораз во топ-5 лигите

Иако и со пораз од 0-1 од Вест Хем ќе обезбедеше пласман во полуфиналето од Лигата Европа, Баер Леверкузен повторно се избори за нерешен резултат со гол во финишот од натпреварот и не дозволи да биде прекината серијата без пораз во сите натпреварувања.

Таа сега изнесува 44 меча и е нов рекорд во топ-5 лигите во Европа. Досегашниот рекорд го држеше Јувентус од сезоната 2011/12 кога беше непоразен на 43 натпревари во низа. Во текот на оваа серија, германскиот тим оствари 38 победи и 6 пати одигра нерешено, а гол-разликата изнесува 124-32.

Баер веќе ја освои титулата во германското првенство и има шанса да се закити со тројна круна. Во финалето од Купот на Германија ќе игра со Кајзерслаутерн, а во полуфиналето од Лигата Европа, за противник ја има Рома.