Арсенал и Ливерпул одиграа реми, Сити најмногу се израдува (ВИДЕО)

Дербито во Премиер лигата во рамките од деветтото коло помеѓу Арсенал и Ливерпул заврши без победник 2-2.

Од самиот старт гледавме возбудувања, а резултатот беше отворен по само девет минути игра. Арсенал од својата прва посериозна шанса успеа да дојде до водство со голот на Сака. 

Ливерпул се врати резултатски по само десет минути и тоа со голот на Вирџил Ван Дајк по еден корнер. Следуваше по некоја прилика на двете страни, а Арсенал поведе и вторпат.

Во завршницата од првиот дел Даклан Рајс одлично нафрли по еден прекршок и тоа знаеше да го искористи Микел Мерино кој стрелаше со глава. Ситуацијата долго се прегледуваше и во ВАР системот поради потенцијален  офсајд, меѓутоа на крај голот остана да важи.

Второто полувреме донесе помирна игра, Ливерпул имаше иницијатива, но не успеваше да дојде до изедначување се до завршницата кога Мохамед Салах погоди за израмнување во 81. минута.

Во последните десетина минути не видовме погодок, па така двете екипи ги поделија бодовите. Ремито најмногу му одговораше на Манчестер Сити кој со 23 бода остана лидер пред Ливерпул кој има 22, Арсенал на третата позиција има 18 колку и Астон Вила.

Следното коло за Арсенал носи гостување кај Њукасл, додека Ливерпул го пречекува Брајтон.