Англичаните тврдат: Мурињо само од откази си добил - 60 милиони евра

Жозе Мурињо го водеше Тотнем до првата победа во гости во новата сезона во Премиерлигата, па така Португалецот имаше успешно деби.

Поранешниот тренер на Челси и Манчестер јунајтед ќе заработува 15 милиони фунти годишно, но Даниел Леви ќе мора да биде внимателен ако не тргне добро работата затоа што Португалецот секогаш е во профит.

Во 2004 година кога го презема Челси, газдата на „сините“ Роман Абрамович го направи најплатен тренер, но по отказот Русинот мораше да му исплати неверојатни 23 милиони фунти.

Во вториот мандат на „сините“, Мурињо заработуваше 8,5 милиони фунти, а во 2015 година за прекин на соработка си наплати 8,3 милиони фунти. Потоа следеше авантура со Манчестер јунајтед, а откако и таа мисија не му беше успешна, Мурињо доби отказ и тоа ќе ги чини „црвените ѓаволи“ дури 19,6 милиони фунти.

Англичаните тврдат дека Мурињо вкупно добил 50.9 милион фунти, односно речиси 60 милиони евра.