Аморим: Ниту папата не може да ме смени – не се откажувам од своите принципи!

Тренерот на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим, порача дека нема намера да се откаже од својата тактичка филозофија и покрај критиките по поразот од Манчестер сити во градското дерби.

Тој тврдоглаво потенцира дека никој не може да го примора да се промени.

„Не, не, не. Никој. Ниту папата не може да ме смени. Ова е моја работа, моја одговорност и мој живот. Нема да се откажам од тоа“, изјави Португалецот на прес-конференција пред денешниот натпревар со Челси на „Олд Трафорд“.

Аморим нагласи дека неговата формација е суштински дел од неговиот авторитет пред играчите и најави дека ќе продолжи да ја применува без разлика на резултатите. Во меѓувреме, присуството на новиот ко-сопственик, милијардерот Сер Џим Ретклиф, во тренинг-центарот во Карингтон предизвика шпекулации за иднината на тренерот, но од клубот тврдат дека посетата била одамна планирана.

Џејсон Вилкокс, фудбалскиот директор на Јунајтед, призна дека состојбата е многу полоша од очекуваното и истакна дека е потребна целосна структурна промена. Јунајтед во последните четири натпревари во Премиер лигата има само една победа, а беше елиминиран и од Купот од четвртолигашот Гримсби. Иако раководството демантира дека Аморим има ултиматум, наредните дуели со Челси, Брентфорд и Сандерленд би можеле да бидат клучни за неговата иднина.

ФОТО: EPA PHOTO