Алиоски го води Лидс кон Премиерлига: Втор меч по ред клучен за победа – сега со гол! (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски втор меч по ред е клучен за победа на Лидс, водејќи го овој клуб кон место во Премиерлигата, откако денеска погоди на мангупски начин во 68-та минута за да донесе огромен триумф против Болтон со 2-1 и со тоа да го остави својот клуб на место кое директно води во островската елита.

Алиоски погоди мангупски со лоб од 20 метри, иако прв впечаток е дека повеќе сакаше да центрира отколку да шутира, па со помош на очајниот голман на гостите ја погоди мрежата и ги израдува навивачите. За Алиоски ова е втор меч како е клучен за триумфот во низа. Пред една недела против Свонси запиша асистенција за гол на Херисон, по кој Лидс практично го запечати тој триумф, а сега постигнува гол.

За македонскиот репрезентативец ова е шести сезонски гол, а прв по пауза од еден месец, откако последен пат погоди против Стоук. Иако игра во последно време како лев бек, тоа не му претставува проблем за да биде офанзивен, да асистира, па и да даде гол, на радост и на навивачите, а и на менаџерот Марсело Биелса кој има максимална доверба во нашиот репрезентативец. Алиоски неодамна изјави дека под палката на Биелса станал многу подобар фудбалер и дека на секој меч се обидува да ја оправда довербата што аргентинскиот тренер му ја дава со стартно место на секој меч.

Алиоски досега ги одигра сите 33 меча во сезонава и сите како стартер. Лидс со 64 бода е втор зад лидерот Норич, но со меч помалку. Третиот Шефилд Јунајтед заостанува една победа зад тимот на нашиот Алиоски.