Акуелниот македонски првак Шкендија со гол од пенал во 90-та минута стигна до победа за да ја продолжи мизеријата на Работнички во дербито на 14-то коло во Првата лига, откако Агим Ибраими го реализираше ударот од белата точка за триумф со 2-1 со кој тетовци ја намалија предноста на лидерот Вардар на девет бода и го оставија закован бишвиот првак на последното место.

Големата глупост што ја направи капитенот на Работнички Горан Силјановски на 12 минути пред крајот кога имаше непотребен старт на средина од теренот за втор жолт картон, беше вовед за победата на Шкендија, која со два пенали стигна до пресврт за триумф, иако според играта и шансите не заслужи да освои ниту бод на мечот. Во 90-та минута, Омер Имери на метар пред Дамјан Шишковски беше соборен по асистенцијата на Жуниор, па судијата Александар ставрев покажа на белата точка за Ибраими да го реализира за голем триумф. Ибраими погоди и во 19-та минута од пенал за израмнување откако Николче Шаркоски по шест минути игра донесе водство за Работнички.

Иако Ибраими даде два гола, денеска херој на тетовци сепак е бившиот репрезентативен голман Костадин Захов, кој имаше пет фантастични интервенции за да не дозволи пораз на Шкендија. Откако прими гол во ситуација еден на еден од Шаркоски, Захов потоа одбрани спектакуларно во обидите на Кристијан Ацкоски (15-та), Шаркоски во ситуација еден на еден (35), па два волеи за 30 секунди по еден час игра на Иван Марковиќ и Горан Силјановски, за во 85-та да се истакне со парада и по ударот на Стефан Јевтовски.

Работнички според играта и желбата заслужи најмалку бод, ако не и повеќе, но дебармаалци не ги реализираа шансите, имаа уште низа ситуации во кои можеа да стигнат до зрел момент за погодок, но сето тоа го промашија, па Шкендија ги казни, иако тетовци со подредена улога во најголем дел од мечот не личеа на шампионскиот и моќен тим

За првакот ова е прв триумф во Првата лига на гостувања надвор од Тетово. Сезонава успеаа само да ја победат Ренова како гости на „својот“ стадион под Шара, а последен пат се радуваа надвор од Тетово од средината на мај. Но, сега успееаа на мускули да дојдат до триумф и да ја продлабочат кризата на дебармаалци, кои пет меча по ред се без тирумф и заковани на дното со 11 бода од 14 меча. Шкендија со новите три сега има 21 бод и бодовно се израмни со Силекс. Вардар со 30 е лидер, а Академија Пандев со 26 е вторпласирана на табелата.