Захариевски задоволен од подготовките: За стартот на пролетта ќе бидеме на вистинското ниво!

Есенскиот првак Струга Трим Лум ги заврши подготовките во Анталија каде одигра пет меча, со ефект од една победа, две ремија и два порази, па десетина дена пред стартот на вториот дел од прволигашката сезона, Срѓан Захариевски најави дека за стартот на пролетта тимот ќе биде на максималното ниво.

Кормиларот на стружани ги искористи извонредните услови во Анталија за максимално да го подготви тимот во уште пожешката пролет во трката за шампионската круна, откако Струга ТЛ беше извонредна во есенскиот дел и првпат во својата историја успеа во една полусезона да биде прва на табелата во домашната елита.

„Задоволен сум од прикажаното на тренинзите и мечевите, но морам да посочам дека сѐ уште не сме на посакуваното ниво, за кое мислам дека ќе бидеме за почетокот на првенството. Одигравме пет меча и сите играчи имаа подеднаква минитажа со цел да имаме компактивилен тим за пролетниот дел од сезоната“, вели Захариевски.

Струга со 3-0 го победи Петрокуб, двапати ремизираше со Хелсингор (2-2) и со Кривбас (1-1), а загуби со 1-2 во двата други меча од узбекистански Локомотив Ташкент и од дански Велје. Пред заминување во Анталија за загревање го победија Охрид со 2-1, а во сабота ја имаат генералката против амбициозниот второлигаш Воска Спорт, пред стартот на пролетниот дел во кој тргнуваат со незгодно гостување кај Тиквеш во Кавадарци.

„Работевме максимално и гледавме да го 'украдеме' секој момент за повеќе да поминуваме на терен зашто условите во Турција во секоја смисла на зборот се на многу повисоко ниво отколку во Македонија“, додава Захариевски.

Струга есенскиот дел го заврши со 37 бода од 17 меча, три повеќе од првакот Шкупи кој има и меч помалку, а дури девет пред екс-шампоионот Шкендија.