ФФМ располага со милиони, ама проблем им се и - (пре)скапите корона-тестови!?

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) напиша протокол како да се рестартира фудбалот во земјава, разглобувајќи ги до најситни детали сите мерки како да се заштитат инволвираните во фудбалската игра, ама на крајот си призна тоа што сите од поодамна го знаат дека проблематична е инфраструктурата, а уште и се пожали на – скапите тестови.

Според протоколот, предвидено е да се направи скрининг на целата Прва лига, а потоа со двојно тестирање пред тренинзите и пред стартот на мечевите да се осигураат сите дека нема зараза од Ковид-19 во фудбалот. Но, во комплетниот протокол, кој вчера го објавивме до најситен детал од планот како да се рестартира фудбалот, преку сите мерки што од почеток на тренинзите до организација на мечевите ги предвиде ФФМ, куќата на фудбалот посочува дека има три сериозни ограничвања и недостатоци за спроведување на истиот.

ФФМ признава дека слабата инфраструктура е еден од најгорчливите проблеми, што не е ништо ново, зашто фудбалската инфраструктура ѝ покрај сите фалби останува заостаната во „среден век“, со само еден нормален стадион од висока категорија како Националната Арена „Тодор Проески“ кој е единствен со УЕФА-лиценца. Не посочува ФФМ кој се најголемите слабости за овој кризен период, иако не треба многу памет за да одгатне дека тоа се соблекувалните, лошиот пристап, нечистотијата...

Втор дел во кој дури ФФМ безмалку се жали дека проблематична е високата цена на тестови за Ковид-19, како и брзината на добивање на резултати, нешто што како најмоќна спортска организација со милионски буџет не треба да претставува проблем, особено што основна дејност на ФФМ е организација фудбалот и фудбалските натпреварувања, како и развојот на фудбалот. Да е уште потрагично, Синдикатот на фудбалери на Македонија (СФМ) дури објави дека набавиле бесплатни тестови за фудбалерите, иако основна обврска во оваа криза е ФФМ да се грижи за тоа и таа да го изорганизира тестирањето според својот протокол, а и да плати колку треба ако сака да се доигра сезоната. Плус, сега е прашање, ако тренинзите почнат од почетокот на јуни, дали тестирањето на „лавовите“ од Ѓорче ќе биде валидно или ќе треба одново тие да се тестираат пред стартот на тренажниот процес.

За крај како недостаток го посочуваат згуснатиот календар на натпревари во цел формат (13 меча од првенството плус три меча во Купот) за да се доигра сезоната, за што самата ФФМ си е виновна, па сега од клубовите ќе бара компромис како да се доигра сезоната во скратен формат или едноставно да се отсвири предвремен крај. УЕФА даде насоки „малите земји“ и тоа според ранкингот под 18-то место на УЕФА-листата да ги завршат првенствата до 20 јули, што со ова темпо тешко дека воопшто би се доиграле половина од останатите мечеви. ФФМ со ваков протокол требаше уште пред еден месец да излезе и да се бори за барем од 1 јуни да започне доигрувањето на сезоната (ако тоа дозволеа здравствените власти), но два месеци во куќата на фудбалот се излежуваа, па кога дојде „пет до 12“, а во понеделник мора да ѝ дадат некаква информација на УЕФА за оваа сезона, им текна да напишат протокол со мерки.

Инаку, овој протокол нема да важи само за доигрувањето на оваа сезона, туку и за стартот на новата која според документот што го подготви ФФМ е планиран за крајот на август или почетокот на септември, но допрва Управниот одбор, натпреварувачката комисија ќе треба да утврдат термин, откако ќе решат како оваа сезона ќе заврши и дали ќе се прошири од причина што засега се разговара само за продолжување на Првата лига, а нема разговори со второлигашите.