Во Вардар долговите никнуваат како печурки, обидот за „спас“ оди кон - пропаст!?

Обидот за спас на најтрофејниот македонски клуб Вардар од страна на бившиот бугарски репрезентативец Благој Георгиев е поблизу да пропадне наместо да се случи, откако нов долг преку ноќ на црвено-црните излегол на површина и сега вкупната сумата надмина дури - три милиони евра.

Георгиев минатата недела беше во Скопје за да преговара со актуелното раководство околу преземањето на клубот, но ситуацијата околу сето тоа останува „статус кво“ без конкретен напредок и многу поблизу е целата операција да не се заврши поради фактот што на површина „испливале“ дополнително 180.000 евра поради тужба во случајот со рускиот напаѓач Максима Максимов. Неговиот неправилен трансфер минатата година донесе забрана од ФИФА за ангажирање фудбалери и тоа во два преодни рока. Поради овој најнов долг работата околу спасот на Вардар станува уште потешка, зашто Георгиев и луѓето кои ги застапува претставени како источноевропски конзорциум не се убедени дека ова е крајниот долг и дека во следните денови нема да излезе уште нешто како долгување на површина.

Дали ќе има „спас“ или Вардар ќе тргне во најнепосакуван правец на тотален колапс ќе се знае неделава, но прашање е дали и актуелното раководство на клубот, чиј газда во заминување Сергеј Самсоненко не бил на ниту еден состанок со Георгиев има желба да го отстапи клубот. Според информациите на „Спорт 1“, Георгиев се сомнева во ревизијата што вардаровата управа ја направила, зашто долгувањата на клубот постојано се зголемуваат.

Првичниот долг на Вардар поради кој извиси за лиценца беше споменуван како 2,1 милиони евра, а откако се појави Георгиев пред повеќе од еден месец на првиот состанок, долговите биле 2,6 милиони евра, за потоа да пораснат до 2,9 милиони. И кога се мислело дека тоа е крајната сума, минатата недела испливал уште еден долг. Но, најтрагичното во сè е што никој не е сигурен дека и оваа сума од 3,08 милиони е крајниот долг.

Според нашите информации, единствена работа засега која е завршена е комплетираната документација со барање до град Скопје за преземање на клубот, за што имале ветување од градоначалникот Петре Шилегов дека ќе им биде отстапен под истите услови како што го доби Самсоненко во јануари 2014 година со минимум инвестиција на 1,5 милиони евра годишно. Но, за да се добие клубот од градот, прво мора да се заврши преземањето и преговорите со актуелното раководство, а потоа „новите газди“ со потпишан договор за преземање на долговите да го добијат раководењето и во најкус можен рок до 90 дена да ги исплатат сите долгувања на клубот.

И додека преговорите сè уште се отворени и сè уште постои надеж кај вардаровата јавност дека успешно ќе се заврши „шпанската сапуница“, фудбалските кулоари од поодамна гласно говорат дека Вардар е заложник на политичките игри во овој предизборен период и дека до завршување на изборите и резултатите нема да има ништо околу некакво преземање на клубот. Изборите наводно се тие што ќе ја диктираат иднината на клубот.

Одолговлекувањето на целата оваа ситуација околу спасувањето на македонската гордост сериозно влијае и врз играчкиот погон, па екипата засега не тргнува со подготовки, туку ќе чека комплетна разврска од овие случувања околу преземањето, иако начелно сабота би бил почетокот на подготовките откако во четврток и петок ќе бидат направени лекарските прегледи, со надеж дека во оваа недела ќе се заврши сè со позитивен исход.

Вардар веќе тројца таленти го напуштија, Марио Младеновски, Али Адем и Џемал Ибиши, а си заминува и бразилскиот лев бек Жуниор, кој беше еден од подобрите фудбалери во минатата година на црвено-црните. Ако нема разрешница со позитивен исход многу веројатно е дека Вардар дефинитивно ќе се врати во тмурните години кога едвај преживуваше и беше оставен клубот да го спасуваат младинци од тотална пропаст.