Во Вардар нема долгови, исплатени се - сите плати за оваа сезона!

Најтрофејниот клуб во Македонија, Вардар се пофали дека навреме ги исполнува обврските кон своите играчи и стручниот штаб и покрај информациите дека се соочува со финансиски проблеми.

На два дена пред исклучително значајниот дуел против Воска, во борбата за опстанок, раководството на клубот соопшти дека е исплатена платата и за овој месец што веројатно ќе биде дополнителен стимул за играчите.

„Во името на В.Д. Раководството на клубот, би сакале на целокупната Вардарова јавност, да и ја честитаме големата победа која сите заедно ја извојувавме.

Поминаа речиси година дена откако народот го превзема клубот, а за сето тоа време долгот не се зголеми ниту за еден денар. Ниту за еден денар!

Од друга страна успеавме, не само да го намалиме долгот, туку и заедно со сите Вас, да ги издржиме сите финансиски предизвици и да ги обезбедиме сите неопходни средства и услови, за нормално функционирање на клубот.

Па така, со чиста совест можеме да ја соопштиме веста дека денес е исплатена вкупно десеттата исплата сезонава кон тимот. Покрај тоа, да напоменеме дека и сите останати услови и средства, во целост беа обезбедени.

Во ова лежи и причината поради која на последните неколку натпревари, одлучивме и покрај поседувањето на членската карта, секој присутен да си обезбеди и билет. Затоа што, кога ние велиме дека средствата одат за клубот – тоа навистина е така. Исто така, важно е да се знае дека не дозволивме ниту еден месец да доцни исплатата на средства.

Нашата приказна е искрена, нашиот принцип е искрен и затоа ништо нема да не поколеба во борбата за клубот!

Им благодариме на сите оние кои помагале, помагаат и ќе помагаат. Ние не забораваме, Вардар не заборава!

Воедно, ве покануваме во недела, да присуствувате на натпреварот против Воска. Ова е можеби најважниот натпревар сезонава, затоа мора сите да придонесеме за победа“, пишува во соопштението од Вардар.

Натпреварот против Воска се игра в недела од 16 часот во Маџари. Во пресрет на дуелот, Вардар има еден бод повеќе и се наоѓа на деветтата позиција, а со евентуален триумф ќе биде многу блиску до опстанок во елитата.