Во Македонија фудбал ни на повидок, а во соседството веќе планираат ѝ публика од 1 јуни!?

Дали фудбал ќе се игра во Македонија летово никој не знае. ФФМ ја префрла топката кај здравствените власти, тие немаат конкретен одговор, а клубовите си милчат и чекаат, па повеќе од половина и навиваат да се прогласи конечен прекин, најмногу за тие што треба да „ораат“ за опстанок, а таму борбата е најжестока и две третини на 13 кола до крајот би се бореле за „гол прволигашки живот“.

И во таква ситуација, земјава е една од малкуте што нема идеја за доигрување на фудбалската сезона, а алибито е пандемијата со коронавирус, која жестоко удри секаде на Стариот континент. Некаде пресилно, некаде поблаго и речиси секоја земја е во иста ситуација – ризикот е голем, ама фудбалските власти се борат некако да издејствуваат да се игра.

Ако споредиме со соседството, секоја земја веќе има проектиран старт. Македонија нема ни тоа. Но уште посмешно делува што во соседна Србија дури се размислува и за враќање на публиката веќе од 1 јуни. Дали е тоа возможно или не, останува времето да покаже. Проблем е што таму некој за нешто се бори, прави планови за разлика од нашите фотељаши кои си свиркаат.

„Никој не знае кога гледачите може да се вратат. Ситуацијата е таква што во Европа некаде стои публика да нема до 1 септември, некаде и до крај на година, некаде пак додека не се најде лек, вакцина... Гледано кај нас во Србија, ситуацијата ја следиме и одлуки носиме еднаш месечно. Сегашниот став е дека до 1 јуни нема гледачи, ќе се игра без пуглика. А, потоа ќе видиме каква е епидемиолошката слика, па ќе донесеме нова одлука во согласност со здравствените експерти. Ако е подобра, можеби ќе имаме и гледачи. Јасно е дека спорт без публика е една новост на која никој досега не се привикнал“, вели Вања Удовичиќ, министерот за спорт на Србија.

Во Хрватска, тренерот на Вараждин, Самир Топлак, јавно на здравствените власти им постави прашање, како е возможно да може 200 луѓе да одат во црква, а да не може 100 или 200 луѓе да одат на стадион и дека не гледа проблем ако се ограничи максималниот број на гледачи до 1.000 на трибините со почитување на мерките за дистанца, заштитни маски...