Вардаровиот стопер Новак потпиша двегодишен договор со украински Колос

После пет години во дресот на Вардар, украинскиот интернационалец Евгениј Новак си замина од црвено-црните и денеска официјално потпиша двегодишен договор со Колос од Ковалевка, клуб од Украина кој во новата сезона ќе игра во Лига Европа.

Новак беше дел од златниот период на Вардар освојувајќи три шампионски титули и дел од екипата која играше во групите во Лига Европа, но како и најголемиот дел од играчите од ланскиот тим си замина после хаотичната состојба, долговите и беспарицата во која Вардар веќе е две години.

Новак вчера се прости од Вардар и од навивачите преку социјалните мрежи и денеска официјално е дел од украинскиот тим. Тој е поранешен фудбалер на Севастопол и на Волин, а е дете на Динамо Киев, за кој играше за вториот тим (112 меча) и мина 12 години во сите категории.

Во Вардар дојде во 2015 година во ерата на Сергеј Самсоненко и беше незаменлив дел од одбраната на црвено-црните, а и капитен.

Од ланската екипа на Вардар, засега Бразилецот Жуниор најде клуб и веќе е дел од украинска Зарја, младиот Бојан Димовски замина во Академија Пандев, а сега официјално нов член е и Новак.