И Новак кажа збогум: Вардар и Комити засекогаш ќе останат во моето срце!

Егзодусот од тимот на Вардар продолжи и вечерва, откако украинскиот интернационалец Евгениј Новак официјално се збогува со црвено-црниот тим и неговиот навивачи и тоа по дури петгодишен престој во Скопје.

Централниот бек во црвено-црниот табор дојде во септември 2015 година, по што одигра дури 112 средби за македонската фудбалска гордост, постигнувајќи пет голови. Новак е дете на Динамо Киев, каде што, сепак, не доби поголема шанса на сениорско ниво, а пред да дојде во Вардар играше за Севастопол и Волин.

„Драги навивачи, соиграчи и симпатизери кои го поддржуваат и сакаат вардаровото семејство, би сакал да ве известам дека денеска заврши мојата приказна со Вардар. Трипати ја освоивме шампионската титула, остваривме историски успех со влезот во групната фаза од Лига Европа и уште многу други работи. Тука запознав многу прекрасни луѓе, со кои ќе продолжам да контактирам. Вардар засекогаш ќе остане во моето срце. Благодарност и до Комити, за нивната поддршка во изминативе пет години. На клубот најискрено му посакувам успеси и во иднина, а јас засекогаш ќе останавм навивач број еден на Вардар“, напиша Новак на социјалните мрежи.

Според украинските медиуми, негов следен клуб треба да биде тимот на Колос.