Вардар тргнува во сезоната со само едно од петте засилувања во првиот тим (ФОТО)

Најтрофејниот македонски клуб, кој доживеа нова реконструкција на тимот, само поради финансискиот хаос и беспарицата поради која две третини од ланскиот тим не се веќе дел од црвено-црните попладнево на Националната Арена „Тодор Проески“ ја стартува новата сезона против Борец и во тимот има само едно од петте засилувања летово.

Вардар остана на шест „староседелци“, нов голем бран на младинци, а од новите засилувања, најголем дел се повратници, како Дејан Блажевски, Петар Петковски, Виктор Велковски, тука е Бојан Најденов како и Стефан Лазаревиќ. Од сите тие во првиот тим денеска е само дефанзивецот Велковски, додека останатите четворица мечот ќе го почнат од клупата за резерви.

Интересно, првата ѕвезда на тимот, Даниел Аврамовски е резерва и ќе чека шанса од клупата, иако беше најавено дека македонскиот репрезентативец е во потрага по клуб во странство и заминува од црвено-црните.

Двајца младинци попладнево се во тимот, Анатолиј Петејчук и Стефан Наумчевски, а од ланскиот костур на тимот се Филип Најдовски, Јован Попзлатанов, Матеј Цветановски и Бојан Колевски, надополнети со младите Фитор Реџепи и Давид Велковски кои во ланската сезона добиваа повремено минутажа. Голман е Филип Илиќ, ланската резерва на заминатиот прв голман Филип Гачевски.

СОСТАВ: Илиќ – Петејчук, Наумчески, Велкоски, Најдовски, Д. Велковски- Мицевски, Реџепи – Цветановски, Попзлатанов, Колевски.

РЕЗЕРВИ: Лука Стојковски (голман), Мартин Радуловиќ-Величковиќ, Филип Петковски, Стефан Лазаревиќ, Бојан Најденов, Дејан Блажевски, Даниел Аврамовски.