Вардар мора да го победи Работнички, или ќе тргне по патот кон Втората лига!

Ланскиот првак Вардар, најтрофејниот македонски клуб, дојде до последната крстосница кој пат ќе го вати, кон Втората лига или ќе ја продолжи битката за спас, зашто попладнево (13 часот) во соседското дерби со Работнички ќе мора да победи за да ги остави живи своите надежи дека во последните две кола ќе успее да избегне директно испаѓање во понизок ранг.

Црвено-црните кои сезонава успеаа да победат само еднаш со последната Беласица и трипати да ремизираат, сега немаат друга опција освен да ги освојат бодовите, зашто најблискиот ривал Ренова ја има најлесната задача, игра против струмичка Беласица и за очекување е дека ќе победи.

Во ваква ситуација кога сѐ освен победа за „гипсарите“ би било сензација, го става Вардар во мисија да ги освои трите бода, за да остане барем на бод пред завршните 180 минути од сезоната, а ако им се погоди струмичани да им помогнат, дури и да ги прескокнат тетовци. Но, ако не успеат да триумфираат, црвено-црните може слободно да почнат да се пакуваат за второлигашката конкуренција, од причина што Ренова со победа би им избегала на четири бода, кои потоа полека ќе стануваат недостижни.

Во ситуација кога Струга трим Лум и Македонија ЃП до крај (ќе) се борат за место во Европа, а Вардар го очекуваат дуели со овие два клуба, следниот неуспех на најтрофејниот клуб ќе значи и заверка на испаѓањето, кое потоа ќе ја отвори клупската „пандорина кутија“ и во комплетната хаотична состојба, која веќе станува безизлезна со натоварениот три ипол милионски долг, ќе го доведе под знак прашалник комплетниот опстанок на македонската фудбалска гордост.

Да не беше солидната есенска залиха, Вардар пролетва веројатно досега ќе беше испаднат, а веќе јасно им е на сите дека овој тим со слаб квалитет и потенцијал тешко се носи со многу посолидни и подобри екипи, а денеска на рака им оди само тоа што Работнички нема каде да оди, Европа е загубена, а опстанокот сигурен, па на дебармаалци им останува само да се борат за својатачест и гордост.

Вардар е во проблем зашто со сите ривали кои му се поблиски или подалечни ривали моментно има слаб меѓусебен скор, па оттаму и ѓаволски тешката задача да освојат бод повеќе од ривалите за да ги прескокнат, бидејќи и при израмнето бодовно салдо, пласманот ќе им биде место подоле поради тој послаб меѓусебен дуел.

Во сенка на спасоносниот обид на ланскиот првак, Пелистер кој со една нога е пред сигурен опстанок ја пречекува Академија Пандев, на која секој бод и зависи во трката да се избегнат баражите, а за такво нешто во Кратово, Силекс и Борец ќе се пресметаат во исклучително интересната и возбудлива битка за опстанокот, во која секој триумф носи сигурен спас, а секој кикс, сѐ поблизу до дополнителен меч за опстанок или испаѓање.

Во битката за опстанок, во ова 31 коло и на две потоа до крајот на сезоната, пелистер влегува со 38 бода, Борец има 36, Силекс и Академија Пандев по 35, Ренова е на 32, а Вардар на 31.

Во следното коло закажано идниот викенд, Академија Пандев ја има најлесната задача против градскиот ривал Беласица, Борец игра со Ренова, а Силекс доаѓа кај Работнички. Пелистер пак му гостува на Шкупи, а Вардар оди на гости во Струга

Во последното коло, Академија Пандев го дочекува Борец, Пелистер игра со Беласица, Ренова е домаќин на Работнички, Силекс ја чека Струга, а Вардар ќе игра со Македонија ЃП.