Познати условите под кои газдата на Шахтер би го купил Вардар!

Високите претставници на украинскиот мултимилијардер Ринат Ахметов, газдата на украински Шахтер, кои викендов беа во Скопје на преговори за преземањето на ракометниот и фудбалскиот клуб Вардар со претставници на град Скопје, поставиле услови, од кои еден воопшто нема да му се допадне на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, кој веќе пет години раководи со двата црвено-црни табори.

Високите емисари на Ахметов кои во најголема тајност допатувале со приватен авион, во саботата имале средби со претставници на град Скопје, кој треба до декември да го преземе раководењето на македонската фудбалска гордост откако Самсоненко најави дека ќе го врати клубот во нивно владение по четири години раководење.

На состаноците и преговорите помеѓу Украинците и македонската страна, емисарите на Ахметов инсистирале сметките во двата клуба да бидат чисти, односно сите долгови што ги има рускиот бизнисмен да ги подмири (се шпекулира со бројка од шест милиони евра), а инсистирале и клубовите прво да бидат вратени на претходните сопственици, градот Скопје за фудбалскиот, односно Михајло Михајловски за ракометниот клуб. Откако тоа би се случило, Украинците би ги преземале двата клуба без никаков финансиски товар.

Но, покрај преземањето на двата клуба, на преговорите станало збор и за емисарите инфраструктурните капацитети кои се во „сопствеништво“ на црвено-црните. Пред сѐ тука станува збор за тренинг-кампот во Хиподром, Академијата позади источната трибина на Националната Арена, како и салата во населбата Јане Сандански.

И сето ова најмалку оди во прилог на Самсоненко, особено околу Академијата која е во негова приватна сопственост. Тренинг-кампот и салата се изградени со јавно-приватно партнерство со државата и општините во кои се наоѓаат (Гази Баба и Аеродром) и според тоа јавно-приватно партнерство му се дадени во владеење на 30 години, Академијата е изградена како негова лична инвестиција. Уште пред три години, Самсоненко со една од неговите фирми го купи земјиштето на старите помошни игралишта на Вардар и ја изгради Академијата со нов модерен терен на вештачка трева, како и управна зграда.

„Најголемата битка“ во структурните промени на црвено-црните може да заглават токму кај овој објект, од кој рускиот бизнисмен нема да сака така лесно да се откаже. А, самиот факт дека преговорите на Украинците течат исклучиво со град Скопје, значи дека претставниците на градот ќе треба да издејствуваат во пакетот за ФК Вардар да ја добијат и Академијата.

Од ФК Вардар моментно не сакаа да коментираат за најавите за евентуалното преземање на клубот од страна на газдата на Шактер, потенцирајќи дека засега немаат став по ова прашање.

Самсоненко најави повлекување од ФК Вардар по елиминацијата на македонскиот бренд во првото квалификациско коло во Лига Европа од ерменски Пјуник. По ова следуваше блокада на сметката на клубот за изнајмувањето на Арената, потоа маките да се плати котизацијата, која беше уплатена во „пет до 12“ пред ждрепката за новата сезона во Првата лига и како шлаг на сѐ, на играчите не им се исплатени плати и премии од почетокот на годинава.

Според најавите, Самсоненко комплетно треба да се повлече од фудбалскиот клуб до декември, а на градот да го врати клубот како што го земал без никакви долгови, кои сега според неофицијални извори изнесува неколку милиони евра. Од поодамна СРЦ „Кале“ е вратено во сопствеништво на Михајло Михајловски, а засега, РК Вардар останува под Самсоненко, а ракометарите веќе ја почнаа сезоната со настапите во СЕХА-лигата и наскоро ги очекува стартот во Лигата на шампионите.

Украинскиот Милијардер Ринат Ахметов е газда на Шахтер од 1995 година, по што овој клуб го направи вистински гигант, кој освои по десет украински титули и купови, седум суперкупови, а во 2009 година го освои и тогашниот Куп на УЕФА, сегашна Лига Европа. Газда е на холдингот „Систем Кепитал Менаџмент“, која е главна индустриска и финансиска корпорација во Украина, а неговото богатство според „Форбс“ се проценува на 6,5 милијарди долари. Ахметов шест години од 2006 до 2012 година беше и пратеник во украинскиот Парламент.