УЕФА „поделила“ две плати во Вардар, но тоа е премалку да се стигне до Европа!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар поделил две заостанати плати, откако на сметката легнале пари од Европската фудбалска унија (УЕФА), но засега е предалеку од расчистување на наталожените долгови поради кои на клубот сериозно му „виси“ лиценцата и за оваа европска сезона, по што можна е тотална хаварија во најголемиот фудбалски бренд во државава.

Иако исплатата на две плати можеби делува како почеток на расчистувањето на долговите, а парите се тие што УЕФА ги најави пред десетина дена за настапите на репрезентативците од црвено-црните кои играа во Лига на нации и во евроквалификациите според однапред утврден критериум (3.000 евра од играч по меч ако бил на списокот од 23-ца за мечевите).

Сепак, главните долгови во клубот, кон фудбалерите, младинскиот погон, разните фактури остануваат неисплатени, а деновите до рокот за добивање на лиценца кој се посочува како 15-ти месецов (идниот петок) одминува, а се помалку преовладува оптимизам дека ќе се разреши ситуацијата и дека Вардар ќе добие лиценца, која многу ќе значи и за иднината на клубот.

„Официјално е дека се работи на проблемот и дека се прават напори да се реши ситуацијата. Но, ситуацијата е многу лоша, веќе ништо не се плаќа, се должи на сите страни, доаѓаат опомени, тужби...“, вели извор од клубот за „Спорт 1“.

Засега нејасно е колкав е точно долгот на Вардар, но низ кулоарите се посочува сума од 1,5 до два милиони евра, заостанати обврски на црвено-црните и кон играчите, стручниот штаб, тренерите и вработените во клубот, но и кон други правни субјекти. Последен пат, Вардар кога исплаќаше сериозна сума на пари беше во јануари минатата година во последниот ден од првиот месец во годината, кога со 1 милион евра беа подмирени обврски до 30 октомври 2018 година за да се избегне суспензија од УЕФА. Оттогаш, во клубот се исплаќаа одредени суми, но не редовно и не се чистеа сите долгови, па Вардар не доби лиценца за евронастап, а сега долговите се наталожија и повторно виси излезот во Европа.

Да е трагедијата најголема, црвено-црните се практично пред титула. Со десет бода пред Силекс, а 11 пред Шкендија, Вардар е пред портите на квалификаците за ЛШ. Веќе е извесно дека нормално доигрување на сезоната нема да има, зашто првенството треба да заврши до 20 јули, а единствен рок за доигрување е ако се почне на крај на мај. Но, бидејќи ќе требаат 21 ден подготовки, тој рок тешко да се запази, а и понатаму нема одлука од здравствените власти кога би можело да се игра.

Поради тоа во ситуација кога решение е да се игра скратено, т.е. да се одиграат уште четири кола за да се комплетира 75 отсто од сезоната, на Вардар му треба победа за титула. Во другата опција, воопшто да не се игра, Вардар повторно би бил првак и би добил право на настап во квалификациите за елитата. Таму сигурни се 750.000 евра за две кола (едно во ЛШ, па едно во Лига Европа), а сумата може да се зголеми ако се помине една рунда и до милион и повеќе.

Но, очигледно ужасната ситуација која од поодамна тлее со недобивањето на лиценца веројатно ќе експлодира и клубот ќе се врати во годините кога едвај преживуваше, па сега на клубот му се заканува сериозна битка за опстанокот бидејќи повеќе не верува дека екипата во која има и исклучително талентирани млади фудбалери би останале да играат само под празни ветувања дека ситуацијата ќе се среди. На ова плус е и фактот што никакви најави нема што со актуелниот спонзор Сергеј Самсоненко после последната најава дека си оди, па неговото петто пишманење и кој и како би продолжил да раководи со клубот ако Русинот си замине, а на крајот сето тоа е оптеретено со чистење на сите долгови, кои во моментов очигледно се нерешливи поради беспарица.

За разлика од ракометниот клуб каде веќе официјално е во најава преструктуирање и враќање на бившиот газда Михајло Михајловски, со најава за изградба на нов стабилен клуб со сериозни цели, фудбалскиот клуб останува да се бори во матните води овојпат за преживување.