Сите што имаат сезонски билет за РК Вардар бесплатно ќе гледаат Вардар – Шкендија!

Вториот чин од дербито за титулата сезонава помеѓу Вардар и Шкендија се игра в недела од 13 часот на Националната Арена „Тодор Проески“, па вардарци се мобилизираат на секој начин за да привлечат што е можно повеќе гледачи на трибините со цел избраниците на тренерот Александар Васоски да добијат 12-ти играч во битка за победа и огромни 11 бода зимница.

Со дербито против лутиот ривал и актуелен првак се спушта завесата на есенската полусезона, а Вардар веќе ја обезбеди есенската круна, но во дербито има шанса актуелните осум бода да ги претвори во големи 11, ако успее да го победи тетовскиот клуб. Досега сезонава, Вардар има две ремија и еден пораз (во Купот).

Вардар објави дека на трибините од Арената сите приврзаници на скопските црвено-црни ќе може да влезат со сезонски билет за ракометниот клуб на Вардар, а останатите за 100 денари ќе може да го проследат дуелот, кој е прогласен за меч од висок ризик, па оттаму како и вообичаено нема да има присуство на гостински навивачи.

Секој навивач, кој нема сезонски билет од РК Вардар ќе може да купи влезница со приложување на лична карта или пасош, но ќе може да купи само еден. Вардар повика на фер и коректно навивање и апелира да не се носат тврди предмети, кои ќе бидат одземени во друг случај пред влезот на нашиот најголем стадион.

Инаку утре најверните вардарови навивачи ќе организираат кортео по улиците на градот за да ги мобилизираат сите вардарци да дојдат в недела на последниот есенски меч, како најава за спектакл во кој ќе се прослават 20 години од постоењето на групата Лојал Фанс, пет години од Комити Маџари, како и десет години од братството со „Војводи“, навивачите на Тетекс.