Силекс не се откажува од третото место, Арсими и Македонија ЃП поделија по бод

Екипата на Силекс го искористи вчерашното реми на Струга против Вардар и се доближи на пет бода од третото место на табелата откако денеска славеше на гостувањето кај Тиквеш во Кавадарци.

Кратовци дојдоа до победата благодарение на голот на Мигуел Пиреш во 62. минута, по една прекрасна акција во која беа вклучени поголем број фудбалери на Силекс. Тиквеш до крајот се обиде да дојде барем до бод, но не успеа во својата намера и го доживеа третиот пораз по ред на домашен терен.

Од друга страна, Силекс по четврти во низа триумфираше на гости, а ќе се обиде таа серија да ја продолжи и претстојната недела, на дуелот против Пелистер во Битола.

На вториот меч од денешната програма во Првата лига немаше победник бидејќи Арсими и Македонија ЃП одиграа нерешено (1-1). Се што беше важно на мечот се случи во период од три минути. Во 35., Ајдоган ја донесе Македонија ЃП во водство, а во 38. израмни Бешагиќ. Веројатно никој во тие моменти не претпоставуваше дека тоа ќе биде конечен резултат, но во проодолжение, мрежите повеќе не се тресеа.